Шампионот Вардар го доживеа и вториот едноподруго пораз во новата сезона од Првата македонска фудбалска лига, овој пат на гостувањето од Струга ТЛ со 1-0.
Стружани со далеку подобро издание во второто полувреме, дојдоа до водство во 61. минута кое го задржаа до крајот, но само благодарение на промашениот пенал на Давид Бабунски во 96. минута, не успевајќи на тој начин да му донесе барем бод на Вардар.
А, Струга ТЛ поведе со голот на Христијан Малески во 61. минута од дуелот. Одлична акција по десната страна на стружани, а Малески ефектно погоди под гредата од голот на немоќниот Давор Талески.
Претходно, двата тима играа без голови по првите 45 минути, главно низ полувреме без многу возбудувања, иако домашните беа поблиску до предност на натпреварот.
Беше поништен гол на Радески во 38. минута поради офсајд позиција, а истиот играч само две минути подоцна ја имаше и најголемата шанса кога изби сам пред голот на Талески, но шутираше млако директно во добро поставениот голман на Вардар. Во финишот и Исмаили имаше убава можност, но без реализација.
„Вардарци“ на спротивната страна имаа можност пред Кастањеда и Бабунски, но главно со шутеви од далечина.
Во финишот од мечот два обиди за израмнување имаше капитенот Азер Омерагиќ, но од тешки позиции за малку беше непрецизен покрај голот на домашните. На крајот, за конечни 1-0 за Струга ТЛ.
И на крајот, оправдано досуден пенал за Вардар во судиското продолжение по играта со рака на домашниот дефанзивец, но Давид Бабунски во 96. минута успеа да го промаши целиот гол на Струга ТЛ.
Вардар наредниве денови го очекува одлуката околу именувањето на новиот шеф на стручен штаб на тимот, но и одлуката за промени во раководните структури на клубот по огромното незадоволство кое тлее и меѓу самите „вардарци“ но и меѓу неговите навивачи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
