Вардар немоќен пред „страшната“ Барселона

Вардар го претрпе првиот пораз на домашен терен сезонава во Лигата на шампионите, откако македонскиот првак беше целосно надигран од Барселона и заслужено капитулираше пред каталонскиот гигант (26-30). Иако салата „Јане Сандански“ беше исполнета до последно место, а навивачите создадоа одлична атмосфера, ракометарите на Барса покажаа дека се „отпорни“ на „вулканот“ во Скопје, диктирајќи го темепото 60 минути и стигнувајќи до бодови со кои сега Барселона е осамена на врвот на табелата.

Борозан донесе почетно водство на Вардар, но Барселона набрзо потоа ја презеде контролата. Подвижната одбрана на каталонците им создаде огромни проблеми на „црвено-црните“, на почетокот од седмата минута резултатот гласеше 1-4, принудувајќи го Парондо во раната фаза на натпеварот да побара тајмаут.

Вардар го одигра најдобриот период откако губеше со 1-5, кога заигра многу подобро во одбраната, а од тоа произлегоа и лесни голови на спротивната страна. Дибиров погоди за свој трет гол и намалување на 5-6, но потоа повторно дојде до „црн период“ во играта на „вардарци“. Се влегуваше од грешка во грешка во нападот, се разбрани и Гонзало Перез де Варгас, а кога почна да погодува и Доленец проблемите станаа очигледни, а Барса поведе со најубедливи пет гола разлика (7-12), за на одмор да се замине со четири гола предност на гостите (9-13).

Второто полувреме почна онака како што заврши првиот дел, Барса играше беспрекорно во одбраната, а потоа ја користеше секоја шанса за лесен погодок. Предноста набрзина порасна до 11-17, па Парондо реши речиси целосно да го изротира тимот, во обид да го пронајде посакуваниот ритам. Експериментот не успеа, па набрзо беа вратени Милосављев, Борозан и Кристопанс, но и тоа не ја донесе „шок-терапијата“ на која се надеваше стручниот штаб на „вардарци“.

Во последните десет минути се влезе со предност на гостите од 19-24, позитива што каталонците умешно ја одржуваа до самиот крај и конечните 26-30, поставени со голот на Дибиров во последната секунда.

Дибиров со шест и Кристопанс со пет гола беа најефикасни во таборот на Вардар, четири постигна Чупиќ, додека кај Барселона најдобар поединец во победата покрај голманот Де Варгас беше Дика Мем со осум постигнати гола.

Пред Парондо  и „вардарци“ е многу работа ако се знае дека наредниот викенд ги очекува нов дуел со Барселона, овојпат во каталонската престолнина, на кој евентуален пораз би значел и речиси сигурно губење на шансите за освојување на првото место во групата.

Се вчитува...