Вардар очајно немоќен и засрамен од Барселона

„Блауграна“ останува неосвоива за Вардар и по денешниот меч на неделата во Лигата на шампионите во кој вардарци загубија од Барселона со 34-26 . Ова е втор пораз на Вардар од Барселона за седум дена, еден на домашен, еден на гостински терен. Македонскиот првак одигра добро прво полувреме и непрепознатливо лошо второ во кое дозволи целосна доминација на Барселона и на крај катастрофален пораз. За Вардар ова е трет пораз во групната фаза од Лигата на шампионите, а за Барса седма победа во серија и зацврстена лидерска позиција.

Вардарци во „Блауграна“ во натпреварот влегоа многу посигурно и поангажирано во однос на минатонеделната пресметка со Барселона во СЦ „Јане Сандански“ што им донесе прво водство во осмата минута со „проектилот“ на Вуко Борозан за 2-3. Бекот на Вардар беше вистински проблем за одбраната на Барселона  и во наредните неколку минути во кои Црногорецот погоди три пати по ред. Иван Чупиќ со погодокот од седмерец за 4-6 ја дополни серијата на „црвено-црните“ од 3-0.

Барселона возврати со исто темпо за нова промена во водството (8-7). Но, не се предаваа ни вардарци. Во извонредно динамичниот ритам, Вардар со одлична игра во одбраната и со неколку ефектни интервенции на Дејан Милосављев повторно ја имаше иницијативата и водство од 8-9, а подоцна и ди 11-12. Сепак, на секоја серија на вардарци, Барселона возвраќаше и со поефикасна игра во завршницата, домаќините на одмор заминаа со предност од 16-15.

Во исто жестоко темпо почна и второто полувреме. Четирите одбрани на Кевин Мелер кој го замени  Гознало Перез де Варгас на голот на Барселона, но и серијата грешки на вардарци, од домаќините беа ефектурирани со серија од  5-1 и водство од 21-16 по шест минути игра во вториот дел.

Тоа беше аларм за Роберто Парондо да реагира со тајм-аут, но вардарци тешко се враќаа во оној ритам што го имаа во првиот дел. Не функционираше нападот на „црвено -црните“ кои за осум минути постигнаа само еден погодок. А, Барселона со погодок ја казнуваше секоја грешка, направи серија од 7-0 се одлепи на 24-16 и за десет минути практично го реши мечот.

Лошата серија на Вардар, конечно ја прекина Даинис Криштопанс со погодокот во 40 минута за 24-17. Но, тоа не беше и крај на неверојатниот пад и непрепознатливото издание на „црвено-црните“ во овој дел од натпреварот. Неколку интервенции на Милосављев беа единствено нешто позитивно во играта на вардарци кои целосно ја загубија борбеноста и ефикасноста што ја презентираа во првото полувреме. Барселона доминираше на теренот и имаше целосна контрола на играта. А, Вардар делуваше крајно дезорганизирано и немоќно во однос на шпанскиот гигант.

Иван Чупиќ постигна пет, Кристијан Дисингер и Димитри Кисељев додадоа по четири гола, а Дејан Милосављев запиша 15 одбрани на голот на Вардар. Во победата на Барселона најефикасен беше Каспер Мортенсен со девет гола, на листата на стрелците се запишаа дури 13 ракометари на шпанскиот тим.

Во следното коло во Лигата на шампионите, Вардар на 24 ноември му гостува на Мешков Брест.

Се вчитува...