Вардар од врвот „ревијално“ ја пречекувa Висла Плоцк

Ракометарите на Вардар во удобна позиција со обезбедено прво место во групата денеска (17 ч.) во Скопје ја пречекуваат Висла Плоцк, во последниот натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите. По вчерашното реми на Нант против Рајн Некар Левен, „црвено-црните“ ја обезбедија лидерската позиција и втора година по ред одат директно во четвртфиналето од ЛШ независно од исходот на денешниот натпревар против полскиот вицешампион.

По ваквата разврска во групата,  денешниот дуел во СЦ „Јане Сандански“ за вардраци е без резултатски предзнак во однос на пласманот, но е важен за полскиот тим кој се уште е во игра за пласман во осминафиналето заедно со ППД Загреб и со Кристијанштад , сите со по шест бода пред последното коло. На Висла Плоцк за осминафинале во ЛШ и треба победа  против Вардар и пораз на Кристијанштад од ППД Загреб. Победа на Вардар пак му оди во прилог на ППД Загреб кој на домашен терен се надева на победа против Кристијанштад.

Вардар го доби првиот дуел во Полска со 22-26, ја има улогата на фаворит и во денешниот меч против Висла Плоцк и мотивицаијата да остане непоразен на домашен терен. Во последните три натпревари, актуелниот шампион има два порази, и двата во гости прво од Барселона, а потоа и од Нант и победа дома против ПИК Сегед.

„На овој натпревар против Висла Плоцк влегуваме како фаворити. Сепак, мора да знаеме и тоа дека екипата на Висла секогаш игра многу подобро кога е гостин. Кога играат дома имаат проблеми, но она што можевме да го видиме на гостувањето кај Барселона и кај ПИК Сегед ни покажа дека на гостински терен секогаш играат многу добар ракомет“ – истакнува тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.

Тренерот на Висла Плоцк, Пјотр Пжибецки, ја потенцира важноста на овој меч за неговата екипа, но и силата на противникот и атмосферата што ги очекува во Скопје.

„Се разбира дека одиме да се бориме за победа иако сме свесни за силата на противникот. Вардар започнува со Арпад Штербик на голот и ако тој брани на своето ниво, секогаш победува. На плејмејкерската позиција ги има Карачиќ и Циндриќ кои совршено се надополнуваат. Тука е и Канељас кој е малку побавен, но е многу интелигентен играч. Ние исто така мора да бидеме добро подготвени и за нивната одбрана 5-1 со Тимур Дибиров на предната позиција“ – вели Пжибецки.

Иако се приклучи на тренинзите со екипата, во составот на Вардар и на денешниот натпревар ќе го нема Иван Чупиќ. Кај Висла Плоцк исто така на десно крило, недостасува Михал Дашек кој има повреда на рамото.

Се вчитува...