Вардар падна во Ѓорче Петров: „Лавовите“ во четвртфиналето од Купот на Македонија (ФОТО)

Фудбалерите на Македонија ЃП го приредија најголемото изненадување во осминафиналето од Купот на Македонија елиминирајќи го најтрофејниот македонски клуб Вардар.

На реванш дуелот кој се одигра во Ѓорче Петров, „лавовите“ сосема заслужено стигнаа до триумф од 2-1 кој беше доволен за елиминација на „црвено-црните“ по оние 1-1 од првиот натпревар кој се одигра на „Борис Трајковски“ во Маџари. Ова беше всушност и прв пораз за Вардар сезонава во домашните натпреварувања!

Поранешниот „вардарец“ Христијан Кировски му пресуди на Вардар со два гола, во 13. и во 62. минута, а за Вардар погоди Џемал Ибиши во 34. минута од натпреварот.

Шкендија, пак, со убедлив триумф од 0-5 на гостувањето против Кит Го во Пехчево го продолжува патот за одбрана на трофејот во Купот на Македонија. Шефити во 2. минута, Мици во 14. минута и Самир Фазли со дебитанскиот гол за Шкендија стрелаа во првото полувреме. Младиот Шефит Шефити мечот го заврши со хет-трик со уште два погодоци во финишот од средбата за конечни 0-5.

Понатаму продолжува и Работнички иако одигра само 1-1 со второлигашот Тиквеш. Љавдрим Фазлију во 82. минута донесе водство за „романтичарите“, но Мишов израмни во 85. минута за конечни 1-1. Сепак, тоа беше недоволно Тиквеш да приреди изненадување.

Во останатите мечеви и покрај поразот од Брегалница во Турново, Академија Пандев продолжува понатаму, а со победи патот во четвртфиналето го трасираа и Беласица, Силекс и Победа.

Велкоски, Гешоски, Ефремов и Тимовски беа стрелци на головите за прилепска Победа во триумфот од 4-1 против Гостивар.

КУП НА МАКЕДОНИЈА – ОСМИНАФИНАЛЕ (реванш натпревари)

Пехчево: КИТ ГО – ШКЕНДИЈА 0-5 (0-2)

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – ВАРДАР 2-1 (1-1)

Струмица: БЕЛАСИЦА – ПЕЛИСТЕР 3-1 (2-0)

Скопје: РАБОТНИЧКИ – ТИКВЕШ 1-1 (1-0)

Кратово: СИЛЕКС – СКОПЈЕ 2-1 (2-0)

Прилеп: ПОБЕДА – ГОСТИВАР 4-1 (2-1)

Турново: АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – БРЕГАЛНИЦА 0-1 (6-2)

КОРАБ – слободен

  • Во заградите се резултатите од првите осминафинални натпревари

Се вчитува...