Актуелниот лидер во домашниот фудбалски шампионат Вардар полека се подготвува за почеток на тренежниот процес. Во „црвено-црните редови“ се прават планови за тоа како би можеле да бидат изведувани тренинзите, а да се почитува и регулативата која е пропишана поради коронавирусот, воедно и да биде заштитено здравјето на фудбалерите.
Идејата во Вардар е да почне со тренинзи во групи од по неколку играчи што секако би било напредок бидејќи во овој момент сите играчи во карантински услови тренираат индивидуално по програмата на тренерот Александар Васоски. Секако сето ова многу ќе зависи од мерките кои ќе бидат во сила во државава следниот период.
Најавите се дека и Првата фудбалска лига на Македонија ќе продолжи на почетокот на јуни за да биде комплетирано првенството во терминот кој го пропиша УЕФА, 3.август до кога мора да биде познат шампионот.
Во најлош случај, да не може да биде комплетирано првенството и да биде прогласен прекин, Вардар не значи дека автоматски ќе ја добие титулата, но според критериумите кои ги одреди УЕФА, „вардарци“ ќе добијат место во квалификациите од Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА