Вардар, по пет години, се враќа во ЛШ – Голманот Гогов верува во максимално надигрување со Мелсунген

По петгодишна пауза, Вардар повторно ќе настапи во Лигата на шампионите. Новата европска сезона за црвено-црните почнува во четврток со гостување кај германскиот Мелсунген.

Натпреварот ќе се одигра во салата во Касел, со почеток во 20:45 часот. Ова ќе биде првото коло од групата Б во новата сезона на најквалитетното европско клупско натпреварување.

Вардар и Мелсунген добро се познаваат од минатата сезона, кога одиграа два меѓусебни натпревари во Европската лига. Сега следува нова пресметка, во различни околности и на повисоко натпреварувачко ниво.

Капитенот и голман на РК Вардар, Васил Гогов, потенцира дека тимот се враќа на најголемата европска сцена со голем потенцијал, но и со свест дека е потребна уште многу работа.

„Ни следува првиот натпревар во Лигата на шампионите. По пет години повторно се враќаме во ова натпреварување. Нè очекува многу тежок и квалитетен противник, кој располага со голем број квалитетни ракометари. Можам да кажам дека добро се познаваме, бидејќи во изминатите две години се сретнавме неколку пати. Претходните натпревари беа во Европската лига, а сега играме во Лигата на шампионите. Можам да кажам дека ова е едно ниво погоре. Точно е дека ги победивме и на домашен и на гостински терен, но не можам да кажам дека тоа беа лесни победи. Тогаш тие настапија со скратен состав и имаа проблеми со повредени и болни ракометари“ – вели Гогов и дополнува:

„Во македонското првенство има ограничување на бројот на странски ракометари, па не можеме да настапиме со комплетен состав и со сите играчи. Во текот на пријателските натпревари и турнири имавме проблеми со болести и повреди. Поради тоа, не успеавме да се комплетираме и да го покажеме сето она што го работиме на тренинзите. Секако, имаме уште многу работа за да бидеме на сто проценти. Не успеавме да одработиме доволен број заеднички тренинзи. Овој тим има голем потенцијал, но мора уште многу да работиме и секој од нас да го даде својот максимум. Мелсунген има многу квалитетни ракометари и широк ростер. Опасни се и од девет и од шест метри. Доколку треба да издвојам од каде доаѓа најголемата опасност, тоа е од левата бековска позиција“.

Се вчитува...