Македонскиот шампион Вардар денеска од 17 часот на реваншот против фински Купс ќе се обиде да дојде до сензација на реванш дуелот од 1. квалификациско коло во Лигата на шампионите.
По бледото издание на црвено-црните и поразот од Купс од 0-2 на првиот натпревар во Скопје, денеска најтрофејниот македонски клуб во обид за подобрување на впечатокот со желба за изненадување во Финска.
Тренерот на „црвено-црните“, Кристијан Фабијани најави дека очекува тимот да го смени менталитетот, и очекува да види организиран Вардар и пред се дисциплиниран.
„Важно ми е на овој натпревар да го смениме менталитетот. На првиот меч до голот игравме добро, но примивме гол во најлош можен момент пред крајот на полувремето. Најголема предност на КуПС е што се во натпреварувачки ритам, имаат повеќе мечеви од нас и тоа го гледам само како плус за нив. Ние нема очајнички да влеземе во овој натпревар и безглаво да бркаме резултат. Сакам да видам еден организиран Вардар на теренот кој ќе се бори за секоја топка и педа на теренот. Сакам ред и дисциплина, се да биде плански и постепено. Ќе ги немаме во тимот Торес и Босанчиќ, но на тоа не смееме да гледаме како хендикеп, туку целиот тим очекувам да се бори да ги надополни нив. Сите играчи кои се во ростерот мора да сфатат дека нема прва и втора екипа, туку секој што ќе добие шанса, да даде максимум затоа што го носи дресот на Вардар“, рече Фабијани пред денешниот дуел.
Натпреварот ќе може да го следите во живо на Арена Македонија Премиум со почеток од 17 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
