Вардар поразен од Мешков Брест, првата позиција ќе ја брани во Скопје

Вардар не ја искористи првата меч топка за да ја потврди лидерската позција во групата Б на крајот од групната фаза во Лигата на шампионите. На гостувањето во Белорусија, „црвено-црните“ беа поразени од Мешков Брест со 30-26 во претпоследниот натпревар од оваа фаза во ЛШ. Втора шанса за два бода што им ја осигуруваат првата позиција и директниот пласман во четвртфиналето од ЛШ, вардарци ќе бараат на домашен терен  во последниот деул против Кристијанштад.

Вардар добро го почна натпреварот, но доминацијата на македонскиот шампион во Брест траеше само во првите дваесетина минути од натпреварот, а потоа загубија ритам и со серија грешки му дозволија на Мешков Брест да ја преземе иницијативата и резултатската предност и на крај да слави победа. Белорускиот шампион на овој меч настапи без повредените Атман и Тјуменцев, а во последен момент остана и без унгарскиот бек Џамали. Но, и со преполовен тим, Мешков Брест во овој дуел беше несовладлив за Вардар во помалку резервирано и индиспонирано издание.

„Црвено-црните“ го имаа почетното водство со погодокот на Жоан Канелјас и во првите дваестеина минути  одржуваа предноста од 1-2 гола. Брзата и ефикасна игра во нападот и сигурниот Арпад Штербик на голот го одржуваа Вардар во позитива. Но, по доминантниот старт, вардарци влегоа во серија грешки, а домаќините не ја испуштија шансата тоа да го казнат и да го „свртат“ резултатот“.

Владислав Остроушко во 21.минута донесе изендачување на 10-10, а истиот играч четири минути подоцна им донесе и прво водство на домаќините на 13-12. Советите од Раул Гонзалес на тајмаутот овој пат не доанесоа резултат во играта на „црвено-црните“. Нападот на Вардар во последните десетина минути од првиот дел го загуби ритамот и почетната ефикасност. Вардарци се потешко доаѓаа до погодок,  Иван Пешиќ беше несовладлив на голот на Мешков Брест и со десет одбрани во првиот дел, еден од најзаслужните за пресвртот на домаќините. Остроушко пак немилосрдно казнуваше во нападот. Со проектил речиси од половина терен, Остроушко во последната секунда ја изненади одбраната на Вардар и на Мешков Брест му донесе водство од  15-13.

Ништо не се смени ни на почетокот на второто полувреме. Домашините брзо зголемија на 16-13, а по пет минути игра го зголемија водството на +4 (18-14)и успеваа да го држат Вардар на безбедна дистанца. Вардарци грешеа, Иван Пешиќ бранеше, а Мешков Брест од минута во минута играше се посигурно и го држеа натпреварот под контрола.

На десет минути пред крај, со погодокот на корпулентниот десен бек Џанис Кристопанс, Мешков Брест ја зголеми позитивата на највисоки седум гола разлика поведувајќи со 25-19. Вардарци до крајот останаа под своето вообичаено ниво, а Мешков Брест ја искористи шансата, ја задржа контролата и на крај ги освои двата бода кои можат да му бидат драгоцени во борбата за четвртото место во конечната разврска на табелата во групата пред осминафиналната фаза.

Игор Карачиќ и Иван Чупиќ постигнаа по пет, а Тимур Дибиров  заврши со четири гола за Вардар. Арпад Штербик го заврши натпреварот со 10 одбрани. Владислав Остроушко и Џанис Криштопанс  со по седум гола го предводеа нападот на Мешков Брест, а сигурен на голот на домаќините беше Хрватот Иван Пешиќ кој заврши со вкупно 14 одбрани од кои 10 ги забележа во првиот дел.

 По некомплетното 13.коло, Вардар и покрај поразот останува на првата позиција на табелата во групата Б со 18 бода, втор е Рајн Некар Левен со 17, а на третата позиција е Кјелце со 16 и со натпревар помалку. По нив следуваат Мешков Брест со 14 бода, Пик Сегед со 13, Целје со 9, ППД Загреб со 7 и Кристијанштад со 6 бода.

Последниот натпревар од групната фаза во ЛШ против моментно последнопласираниот Кристијанштад, вардарци ќе го одиграат на 12 март пред својата публика во „Јане Сандански“.

Се вчитува...