Вардар повторно загуби дома и си ја отежна задачата пред реваншот во Рига (ВИДЕО)

Вардар приреди уште едно разочарување на своите фанови во Европа сезонава, откако вечерва на Националната Арена „Тодор Проески“ е поразен од тимот на Рига со 2-3. Вардарци можеби не заслужија пораз, меѓутоа на крајот беа казнети за неискористените шанси, особено во вториот дел. Летонците во второто полувреме стигнаа малку до голот, но на крајот успеаја да стигнат до голема победа пред реваншот.

Радост на „Арената“ во 28. минута. Центаршут од десната страна, топката удри во главата на еден од играчите на Рига, стигна на левата страна до Кастењада, кој го мина Јурковскис, и успеа да донесе предност. 

Меѓутоа радоста траеше само седум минути, а потоа голема грешка на Талески. По центаршут од десната страна, Гало со глава упати млак удар, кој Талески се чини го имаше, но некако ја испушти топката, и заврши во неговиот гол. 

Се играше 39. минута кога една акција на Рига која почна од левата страна, па се префрли на средината и на десната до осамениот Иаго Сикера кој погоди во голот на Талески за водство на Летонците од 1-2 по првиот дел.

Вардар заигра далеку подобро во второто полувреме. Имаше и неколку шанси и порано да дојде до израмнување, а тоа го стори во 66. минута. Нововлезениот Закариќ супер го пронајде Родригез, кој со глава погоди во голот на Летонците, и носи израмнување. 

„Црвено-црните“ дури имаа и шанса за водство, откако по една мешаница сам се најде Маневски, меѓутоа не успеа да пружи нога и да ја смести топката во голот на гостите.

Летонците како да чекаа грешка на Вардар, и ја дочекаа во 80. минута. Акција по левата страна од каде Салазар поведе, доцнеше одбраната на македонскиот тим, следуваше асистенција до Сикера, кој успеа да погоди во голот на Талески за нова предност на Рига, која беше задржана до крајот, и носи минимална предност пред реваншот на свој терен.

Се вчитува...