Вардар преку Алкалоид до нов трофеј во Струга

Ракометарите на Вардар стигнаа до нов трофеј на турнирот во Струга откако вечерва во маратонското финале славеа над Алкалоид со 25-20.

Натпреварот почна со израмнета игра на двете страни. Избраниците на Владо Недановски подобро се снајдоа во оваа игра па по 15 минути игра имаа предност од два гола 7-5. Поради мал дожд натпреварот мораше да биде прекинат.

По пауза од половина час, имаше две опции за продолжување на мечот. Или тојда продолжи на отвореното игралиште или во салата „Тими”. Бидејки теренот беше лизгав од дождот, односно опасен за играчите, тие се преселија во салата.

По скоро еден час пауза натпреварот продолжи во салата „Тими“. Во продолжението на мечот Алкалоид заигра подобро па во 25 минута успеа да стигне израмнување 9-9. До крајот на првиот дел Вардар сепак успеа да ја врати предноста и на пауза да замине со минимални 11-10.

Во второто полувреме се играше гол за гол буквално во целиот период. Сепак, на четири минути до крајот Вардар успеа да се оддели на три гола позитива 23-20, што на крајот се покажа како пресудно за конечен триумф од 25-20.

Се вчитува...