Вардар против Кил, или… Убиј ги „зебрите“ за место на Ф4

Вардар денеска (17 ч.) му гостува на Кил во „Шпаркасен Арената“, во првиот натпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите. Големото дерби меѓу актуелниот и трикратниот европски шампион ќе да де одговор на многу прашања. Вардарци зад себе имаат речиси перфектна сезона, а пред себе шанса и предизвик да станат првиот тим што ја одбранил титулата во ЛШ во новата ера на Ф4 турнирот во Келн. Пред јунското реконструкција и дрстичните промени што му претстојат на македонскиот шампион за наредната сезона, мотивот кај „црвено-црните“ е уште поголем да ја завршат приказната со уште еден подиум во Келн.

Но, вардарци се свесни дека денеска ги очекува исклучително тежок дуел во кој ќе мора да бидат во најдоброто издание за да можат успешно да му се спротивстават на Кил и да имаат активен резултат пред скопскиот реванш на 29 април.

„Кил, дефинитивно е еден од најдобрите тимови, тим од онаа прва класа. Имаат извонредни перформанси, го потврдија тоа и во претходната фаза“ – истакнува плејмејкерот на Вардар, Лука Циндриќ.

Во најавите пред денешниот дуел во ЛШ, во фокусот е и шпанскиот бек Жоан Канељас кој во периодот од 2014 до 2016 настапуваше за Кил, а пред две години се пресели во Вардар и со „црвено-црните“ ја освои првата шампионска титула во кариерата. Поранешен играч на Кил, но со многу помала слава од Канењас е и бразилскиот пикер во Вардар, Рожерио Мораеш.

„Вардар е најдобриот тим во Лигата на шампионите сезонава. Одбраната на Вардар е извонредна, дополнета со Штербик во позадина. Играа најчесто 5-1 со Тимур Дибиров или со Жоан Канељас напред. Лука Циндриќ игра одлична улога во нападот, а Рожерио Мораеш има огромен напредок во играта“ – потенцира тренерот на Кил, Алфред Гисласон.

Кил лани не стигна до завршницата на Ф4 турнирот во Келн кој за прв пат остана без ниедна германска екипа. „Зебрите“ сезонава настуваат одново да се вратат во завршницата на ЛШ каде последен пат настапија во 2016 година. Притисокот е уште поголем бидејќи постои реална опасност спектаклот во Келн и годинава да остане без германска екипа, откако Рајн Некар Левен неславно го заврши настапот во осминафиналето, а Фленсбург е во „мат позиција“ по ремито со монпелје на домашен терен во првиот четвртфинален меч.

Вардар и Кил досега имаат одиграно четири меѓусебни дуели во Лигата на шампионите. Последниот од нив беше во март 2010 година во „Шпаркасен Арена“  и заврши неславно за вардарци со триумф на Кил од 39-23. Но, Вардар има и една победа во овие четири дуели со ракометниот гигант, иако со постар датум, од 2002 година кога во „Кале“ славеше со 27-26.

Се вчитува...