Вардар против Нексе за продолжување на добрата серија

Македонскиот ракометен шампион Вардар, по неверојатната победа на гостувањето кај францускиот Монпелје, им се враќа на обврските во регионалната СЕХА лига.

Тие денеска ќе му гостуваат во Нашице на тимот на Нексе во натпревар од третото коло. Тренерот на „црвено-црните“ Давид Дејвис, вели дека очекува тежок натпревар, но верува во системот кој што е воспоставен по неговото доаѓање во Скопје.

„Очекувам да биде тежок меч во Нашице. Игравме пред два дена со Монпелје во Лига на шампионите, и имаме долг пат за да стигнеме од Франција до Нашице. Секако ни треба малку време и за одмор. Игравме тежок меч, и емоционален и со притисок. Морам прво да видам која ќе биде најдобрата ротација на играчи. Игравме против Нексе веќе во Скопје. Но, тие имаа доволно време за одмор и подготвовка. Ќе видам како ќе функционира екипата. Победата против Монпелје беше добра за тимот, екипата, за сите. Сега сите веруваат повеќе во системот. Ќе направиме најдобро што можеме. Мораме да играме со тактичка дисциплина, и да гледаме да одиграме најдобро“, изјави Дејвис. 

Слично размислува и Мартин Карапалески…

„Нексе е одличен тим кој игра цврста одбрана и гостувањето ќе биде многу тешко имаме малку време да се спремиме и да ги корегиране грешките од Скопје но секако одиме на победа. Игравме тежок меч во Франција и мораме да продолжиме да играме на високо ниво“, вели Карапалески. 

Натпреварот кој ќе се игра во Нашице е закажан за во 20 часот.

Се вчитува...