Вардар го пречекува ППД Загреб: Ова е меч на се или ништо

Ракометарите на Вардар денеска  (17.30 ч.) во „Јане Сандански“ го пречекува ППД Загреб во натпреварот од 10.коло во групната фаза од Лигата на шампионите. Првиот меч по зимската пауза во ЛШ по СП во Франција, за вардарци е од исклучителна важност за конечната разврска во групата Б за следната елиминаторна фаза во ЛШ. Со победа вардарци се искачуваат на првото место во групата и имаат реални шанси да ја задржат лидерската позиција која во системот на ЛШ, носи директен пласман во четвртфиналето.

Во прилог на македонскиот шампион му одат и резултатите од првите два натпревари од 10.коло, неочекуваниот пораз на Пик Сегед од Мешков Брест (25-23) и триумфот на Рајн Некар Левен против Кјелце (28-25). Во завршницата од групната фаза Вардар влегува од четвртаата позиција со 12 бода, два помалку од водечкиот Кјелце и со еден бод помалку од Пик Сегед и Рајн Некар Левен. Во незивесната завршница на групната фаза за вардарци ќе биде важен секој бод од последните пет натпревари, а првиот предизвик ќе биде денешниот дуел со ППД Загреб.

„Ако сакаме да успееме, дома не смееме да загубиме. Значи, очекувајте многу добар натпревар, многу интензивен. Треба да го почитуваме противникот и да одиграме 100 процентно. Многу сум задоволен како трениравме цела недела и мислам дека ќе бидеме добро подготвени за натпреварот. Кога се подготвуваме за меч во Лигата на шампионите, тоа изгледа како да се подготвуваме за финале. Фокусирани сме на нашата игра, противникот го почитуваме, но не се оптоваруваме со тоа во кој состав ќе игра“ – истакнува тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.

Продолженото гостување во Скопје, ППД Загреб го почна со пораз од Металург (25-22) во средата, во дуелот од СЕХА лигата. Капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов предупреди дека тој пораз на ППД Загреб не смее да ги залаже и да донесе опуштање со мисла дека ќе биде лесно.

„Да заборавиме дека загубија од Металург, да се концентрираме на нашиот дуел кој ќе биде многу тежок. Можеби некој очекува лесен натпревар поради нивниот пораз од Металург, но јас не се согласувам. За нас е многу битно дома да победиме и да немаме уште еден кикс како тој со Рајн Некар Левен“ – вели Стојанче Стоилов.

За Вардар и ППД Загреб ова ќе биде четврта меѓусебна средба сезонава. Хрватскиот шампион славеше како домаќин во дуелот од СЕХА лигата со 28-26 и потоа со 28-27 во мечот од 5.коло во ЛШ кога беше прекината победничката серија на „црвено-црните“. Вардарци пак го добија дуелот од СЕХА на домашен терен со 32-31.

Позитивниот скор во меѓусбените дуели му дава самодоверба на гостинскиот тренер Силвио Ивандија, кој верува дека и во Скопје може да ја продолжи победничката серија.

Не очекува еден од најсилните противници во групата, но откако сум јас на клупата на Загреб, ги добивме два пати, во ЛШ и во СЕХА. Во тие средби можевме да видиме дека и таква екипа која е одлично покриена на сите позиции, има свои слабости. Но, главно за нас е играчите да сфатат дека може да им парираме само со добра колективна игра“ – вели тренерот на ППД Загреб, Силвио Ивандија.

Пред новата пресметка со Вардар, во иста насока размислува и искусниот пикер на Загреб, Игор Вори.

„Важно е да сфатиме дека само со колективна игра може да дојдеме до победа. Со таква игра и ги победивме два пати и тоа единствен рецепт против Вардар. Ниеден поединец, колку и да е квалитетен, не може дам да го добие овој натпревар “ – истакнува Игор Вори.

Во составот на Вардар за денешниот натпревар ги нема бекот Вуко Борозан и голманот Стахиња Милиќ. Кај ППД Загреб пак, поради повреди нема да играат Лука Шебетиќ, Ловро Јотиќ и Дарко Цингесар, но, во составот се враќаат Златко Хорват.

Се вчитува...