Вардар против ППД Загреб во полуфиналето на СЕХА лигата

Македонскиот шампион, екипата на Вардар ќе игра против ППД Загреб во полуфиналето на годинашниот Фајнлфор во СЕХА регионалната лига.

Откако во последниот натпревар од регуларниот дел од ова натпреварување, Брест Мешков славеше со 25-31 (14-17) на гостувањето против ППД Загреб, хрватскиот тим на крајот заврши на четвртата позиција по што во првото полуфинале на Ф4 ќе се соочи со Вардар, кој регуларниот дел го заврши на првото место.

По денешниот триумф во Загреб, белорускиот Брест Мешков, пак, заврши на третата позиција на табелата па во второто полуфинале ќе игра против второпласираниот Веспрем.

Во денешниот гостински триумф против Загреб од 25-31, Брест Мешков беше предводен од Рутенка, Кулак, Криштопанс и Стојковиќ кои го завршија мечот со по четири постигнати гола. Кај Хрватите најдобар беше Миклавчиќ со шест постигнати погодоци.

Фајнлфор турнир од СЕХА лигата оваа година сосема извесно ќе се игра во Мешков, но наредниве денови се очекува официјалната потврда на оваа информација и од раководството на СЕХА лигата.

Се вчитува...