Вардар против Ростов во полуфиналето на Ф4 во Будимпешта

Рускиот претставник Ростов ќе биде ривал на ЖРК Вардар во полуфиналето од фајналфор турнирот во Будимпешта што ќе се игра на 12 мај во арената „Ласло Пап“. Во ситуација кога немаше лесен ривал, македонскиот првак налета на дебитантот на овие фајналфор турнири, додека во втората полуфинална пресметка ќе се сретнат ЧСМ Букурешт и Ѓер, во реприза од финалето во 2016 година.

Само за потсетување, „вардарки“ се сретнаа со Ростов на почетокот од сезонава, како дел од турнирот во Скопје чиј домаќини беа „црвено-црните“, но неочекувано убедливо загубија од рускиот првак со резултат 26-33.

„Црвено-црните“ го избегнаа Ѓер како ривал во полуфиналето, па лесно може да се случи на 13 мај во Будимпешта да следиме реприза од ланското финале, во кое унгарскиот гигант по голема битка и со многу среќа ги натера „вардарки“ на капитулација.

Како што е добро познато, ова ќе биде последна шанса за „вардарки“ да се искачат на врвот на Европа, по најавите дека сите ракометарки ќе си заминат во нови клубови, а „црвено-црните“ од следната сезона ќе настапуваат со значително подмладен состав од сопствената школа.

Се вчитува...