Вардар против Штербик и традицијата на Веспрем

Во дербито на колото во А групата од Лигата на шампионите, Вардар денеска (17.30 ч.) му гостува на Веспрем. Вардарци имаат две победи во првите два натпревари во ЛШ сезонава, Веспрем има пораз од Барселона и тешка победа дома против Кјелце.

За да ја продолжат успешната серија, вардарци вечерва ќе имаат исклучително тешка задача – да ја победат традицијата на Веспрем на домашен терен и да се справат со Арпад Штербик на противничкиот гол. Голманот кој  во изминатите четири години го предводеше Вардар до најголемите успеси и до шампионската титула во ЛШ, вечерва прв пат ќе биде на другата страна на теренот.

„Ќе дадам се од себе на овој дуел, исто како што го првавев тоа во Вардар во изминатите четири години. Нема да им биде лесно на моите поранешни соиграчи. Клучна ќе биде играта во одбраната. Се надевам дека ќе одиграме подобро отколку со Барселона во претходниот натпревар“ – најави Арпад Штербик.

Но, тој исто така ги предупреди своите соиграчи и навивачите на Веспрем, дека Вардар не е ослабен во однос на лани и дека Роберто Парондо го задржал истиот шпански систем што го воспостави Раул Гонзалес.

На другата страна на теренот во составот на Веспрем, ќе биде и македонскиот репрезентативец, Дејан Манасков, кој пред две сезони исто така беше дел до тимот на Вардар.

Против Вардар вечерва е и традицијата која вели дека Веспрем на домашен терен има само еден пораз во последните 13 натпревар и тоа минатата сезона од ПСЖ. А, во меѓусебните шест  дуели со Вардар во „Веспрем Арена“, унгарскиот тим има пет победи и едно реми.

Се вчитува...