Вардар рутински надмоќен против Војводина

Вардар ја победи Војводина со 32-36 на последното гостување во регионалната СЕХА лига за оваа сезона. Актуелните шампиони ги врзаа двете гостувања кај Динамо Панчево и кај Војводина во Нови Сад и запишаа две рутински победи против српските екипи. Вардарци се супериорни на врвот на табелата без пораз во 17.одиграни натпревари во кои имаат 16 победи и едно реми и од стартната позиција ќе ја бранат титулата  на Ф4 турнирот во СЕХА.

Вардарци иако настапија со редуциран состав без Арпад Штербик, Рожерио Мораеш и Иван Чупиќ, сепак беа убедливо надмоќни во дуелот со Војводина. Домаќините успеваа да држат чекор и минимална негатива во првите дваесетина минути од натпреварот. Серијата од 3-0 со двата погодоци на Хорхе Македа и еден на Мартин Поповски, ги однесе „црвено-црните“ на +4 (9-13) на пет минути пред крај на првиот дел, а на одмор заминаа со предност од 13-17.

Избраниците на тренерот Касим Каменица го отворија второто полувреме со серија од 5-1 по која одново дојдоа на гол негатива (18-19). Но, вардарци без премногу напор, го држеа натпреварот под контрола. Малку го засилија темпото во наредните минути доволно повторно да се одлепат на сигурна дистанца (19-23).

Лука Циндриќ постигна два гола во серија, а потоа прецизни беа Тимур Дибиров и Жоан Канељас и „црвено-црните“ во последната четвртина влегоа со највисока предност од 23-30. Последните десетина минути од дуелот беа само рутинска работа за вардарци и заверка на уште еден сигурен триумф.

Лука Циндриќ постигна седум гола дополнети со пет асистенции. Игор Карачиќ и Хорхе Македа завршија со максимални пет од пет во победата на Вардар. Во составот на Војводина најефикасни беа Владимир Бојаниќ и Божидар Надовеза со по шест гола, забележителна партија на голот на домаќините имаше голманот Тодор Јандриќ со 10 одбрани во првото полувреме.

Во последниот натпревар од регуларниот дел на сезоната во СЕХА лигата, Вардар на 13 март во Скопје го пречекува Нексе, а потоа следува еден месец пауза до Ф4 турнирот во СЕХА (13-15 април) на кој вардарци ќе бидат домаќини по втор пат.

Се вчитува...