Вардар рутински против Војводина, деби на Гедбан на голот

Вардар ја потврди фаворитската улога и додаде уште една победа во успешната серија на почетокот од сезоната во регионалната СЕХА лига. Во натпреварот од петтото коло, вардарци на домашен терен ја победија Војводина со 33-26 и се зацврстија на лидерската позиција со максимални пет победи од пет дуели.

Македонскиот и актуелен СЕХА шампоион беше апсолутен фаворит против тимот на Војводина кој во првите пет натпревари има само една победа и четири порази. Во овој натпревар кој  за „вцрвено-црните“ беше само лесен тренинг, тренерот Роберто Парондо одмори дел од играчите од првата постава и им даде поголема шанса на ракометарите што имаат помала минутажа во Лигата на шампионите. Така, на голот на Вардар во дуелот со Војводина го немаше Дејан Милосављев,  меѓу стативите дебитираше Алжирецот Калифа Гедбан, а во составот беа и младите Марко Кизиќ и Андреј Петковски. Освен повредените Стојанче Стоилов и Сергеј Горбок, денеска одмораа и Вуко Борозан и Рожерио Мораеш.

„Црвено-црните“ ушет на стартот ја потвдија својата доминација поведувајќи со 3-, а потоа и со 6-3. Српскиот шампион во наредните минути успеа да дојде на го, негатива (6-5) и тоа беше максимум што можеа да сторат. Вардарци го засилија темпото, повлече Сташ Скубе со два гола во серија и домаќините по првата четвртина веќе имаа +4 (10-6).

Српскиот тим одново се приближи на гол разлика на три минути пред крај на првиот дел со погодокот на Ален Овчина за 15-14.  Но, сепак беа далеку од позиција да ја загрозат позитивата на домаќините кои имаа контрола на играта и на одмор заминаа со водство од 17-15.

На стартот од второто полувреме, Вардар го засили темпото, за четири минути постигна пет, а прими само еден гол и лесно се одлепи на 22-16. „Црвено-црните“ ја задржаа дистанцата и  од минута во минута го зголемуваа водството. На девет минути до крај Вардар имаше  девет гола предност со осмиот погодок на Кисељев за 31-21 и на крај славеа уште една убедлива победа во регионалната лига.

Димитри Кисељев со девет гола беше најефикасен во составот на Вардар. Калифа Гедбан во своето деби на голот на Вардар запиша девет одбрани. Кај гостинскиот тим најефикасни беа Милош Грозданиќ со пет и Срѓан Милиќ со четири гола.

Следниот натпревар во СЕХА лигата, вардарци го играат на 16 октомври на гости против ППД Загрев, а во сабота во Скопје ги очекува дуелот со Рајн Некар Левен во Лигата на шампионите.

Се вчитува...