Вардар се откажа од уште еден младински репрезентативец: И Личина си замина од клубот!

Вардар се откажа од уште еден свој младински репрезентативец. По заминувањето во зимскиот преоден рок на клучниот помлад потенцијал во клубот, предводен од репрезентативците Бобан Николов и Висар Муслиу, Вардар го раскина договорот и со членот на репрезентацијата до 19 години на Македонија и долгогодишен капитен на младинскиот тим – Есмин Личина.

19-годишниот Личина, кој изминатава полусезона настапуваше како позајмен фудбалер во редовите на ФК Скопје, сега и дефинитивно го раскина професионалниот договор со „вардарци“ и официјално преселувајќи се во редовите на тимот од Автокоманда.

Личина, кој е дете на Вардар, беше капитен на шампионската генерација на најтрофејниот македонски клуб која го освои младинскиот шампионат и го имаше првото историско учество на еден наш тим во младинската Лига на шампиони. Една година во континуитет беше дел и од сениорскиот состав но сега „црвено-црните“ се одлучија да се откажат од неговите услуги.

Во овој зимски преоден рок, Вардар го напуштија покрај Николов (Видеотон, Унгарија) и Муслиу (Шкендија) уште двајца репрезентативци од младата селекција која не однесе на ЕП 2017 во Полска, Бесир Демири (Мариупол, Украина) и Петар Петковски (Работнички), а веќе е најавен трансферот од јуни и на 23-годишниот Дарко Велковски во хрватскиот шампион Ријека.

Како што е познато, пред само четири месеци во септември 2017, Вардар се откажа од уште еден свој талент, Ердон Даци, исто така член на шампионската младинска генерација, кој сега е еден од најдобрите фудбалери во младинската академија на турскиот прволигаш Коњаспор.

Се вчитува...