Вардар тешко почна, а потоа ги прегази Вујо и Железничар

Вардар му даде 20 минути „фора“ , а потоа славеше убедлива победа против Железничар со 35-20 во вториот натпревар од регионалната СЕХА лига. Иако имаа малку повеќе проблеми од она што се очекуваше против дебитантот во ова натпреварување, вардарци на крај сепак, ја оправдаа фаворитската улога и ја запишаа втората победа во вториот натпревар на домашен терен. Во составот на Вардар за овој дуел се вратија рековалесцентите Игор Карачиќ и Вуко Борозан, а на подолг рок вон строј остануваат Стојанче Стоилов и Сергеј Горбок.

Нишкиот тим предводен од Веселин Вујовиќ на клупата, влезе амбициозно во дуелот, поведе со 1-3 на стартот и остана во позитива до 25.минута. Вардарци беа изненадени од ваквото темпо на противникот и им требаше време да ги консолидираат своите редови.

По успешната серија на голманот Данило Михаљевиќ, Железничар во 10.минута стигна и до највисоки +4 поведувајќи со 5-9 со третиот погодок на Павле Бандука. Гостите останаа во предностсе до 23.минута кога Калараш од контра изедначи на 11-11, а потоа Вардар „уфрли“ во втора брзина и направи комплетен прсврт. Во втората четвртина од натпреварот Железничар постигна само два гола, а Вардар направи серија од 6-0 и на одмор замина со водство од 14-11.

Во исто темпо вардарци продолжија и во второто полувреме, ја комплетираа серијата со 10-0 и уште во 36.минута се одлепија на 18-12. Вујовиќ се лутеше на своите ракометари кои влегуваа од грешка во грешка и се потешко доаѓаа во позиција за шут.

Конечно, лошата серија на гостите ја прекина Владимир Јевтиќ, а критиките од Вујовиќ на тајм-аутот ги „разбудија“ неговите ракометари, па во продолженија врзаа три гола во серија. Сепак, Железничар беше далеку од тоа да ја загрози предноста на вардарци кои имаа целосна контрола на играта и на резултатот.

До крајот „црвено-црните“ рутински ја зголемуваа предноста, а Железничар веќе го положи оружјето и за разлика од првата,  во последната четвртина комплетно загуби чекор. Вардар на девет минути пред крај стигна и до двоцифрена предност поведувајќи со 28-18 со погодокот на Дмитри Кисељев и ја сочува оваа дистанца до крај.

Криштопанс, Мораеш, Чупиќ, Дибиров, Кисељев и Поповски постигнаа по четири гола за Вардар, а Дејан Милосављев го заврши мечот со 11 одбрани. Кај Железничар најефикасен беше Владимир Јевтиќ со шест гола, Данило Михаљевиќ запиша 10 одбрани.

Во следното коло, на 9 септември Вардар ќе му гостува на Татран Прешов.

Се вчитува...