Вардар убедлив до нов триумф над Тиквеш

Ракометарите на Вардар уште пред репрезентативната пауза ја осигураа шампионската титула, но „црвено-црните“ јасно ставија до знаење дека не планираат да отстапат од квалитетот и интензитетот на партиите до самиот крај на сезонава, демонстрирајќи го тоа и на вечерашниот дуел со Тиквеш. Гостите од Кавадарци немаа никакви шанси за изненадување, „вардарци“ одиграа максимално фокусирани 60 минути и заслужено стигнаа до нова двоцифрена победа (36-26).

Првиот гол на мечот го постигна извонредниот Јака Малус, а новиот шампион одигра особено импресивно во првите петнаесет минути, во кои стигна до водство од преубедливи 12-4. „Вардарци“ потоа малку го намалија притисокот во одбраната, па до крајот на полувремето се играше израмнето, а на одмор се замина со 20-12.

Митровиќ во 36. минута стрелаше прецизно за првото двоцифрено водство на натпреварот (25-15), одржувајќи ги овие „плус десет“ до самиот крај на мечот.

Дури тринаесет различни ракометари на Вардар се запишаа меѓу стрелците, најефикасен беше Атанасовски со шест погодоци, додека прв стрелец на Тиквеш беше Мики Лазов со седум гола.

Се вчитува...