Вардар во нова неизвесност со живот „од денес за утре“: Сега најава за влез на Унгарците во март!?

Без сомнение, најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар ги живее најтешките денови од своето постоење. Клубот, нешто што не е невообичанено за него низ годините на независна Македонија, повторно живее „од денес за утре“ во длабока неизвесност низ ново очекување на својот спас.

Како што дознава ЕКИПА, по деновите на тотален молк, сега е побарано од фудбалерите, барем оние кои се останати во клубот, да ги почнат подготовките со малку трпение и најава дека предвидените инвеститори од Унгарија ќе го преземат клубот во месец март. А, во меѓувреме, според најавите, на играчите ќе им бидат исплатени дел од заостанатите плати како би ги почнале подготовките и би продолжиле со амбициите за влез во Првата лига, иако сето тоа сега е речиси невозможно.

A, дека Вардар го чека повеќе од тешка полусезона е јасно и ако се знае дека воопшто нема почнато со подготовки кои се очекува, сега, да бидат закажани за следнава недела. Наспроти тоа веќе е апсолутна непознаница и играчкиот кадар со кој би настапувал пролетва. „Црвено-црните“ не само што немаат ниту едно ново име, туку има и заминување на оние стандардните како Маркоски, Христов, Ристески, а во процедура е заминување и на уште неколку фудбалери.

Иако малку кој верува и на новите ветувања и најави дека унгарската компанија за производство на фотоволтаици ќе го преземе клубот во март, надежта е загубена и кај играчите и кај навивачите, се верува дека сепак Вардар, со поддршка и од „Комитите“, ќе ги почне подготовките како натпреварувачки би се одржувал клубот и наредниот период за да не дојде негово бришење од фудбалската карта.

Евентуалниот влез на унгарската компанија во март е последната сламка за спас на Вардар. Доколку тоа не се случи, тогаш најизвесната варијанта за најтрофејниот македонски клуб е целосно правно гасење на клубот, префрлање во најнизок ранг на натпревари, бришење на долговите и почеток од нула! Освен ако не се вклучат Градот и државата. Затоа што останува фактот е дека без директно вклучување на државата, спас за ФК Вардар ќе нема!

Се вчитува...