Вардар во трка за рускиот „бомбардер“ од ЕП 2022

Вардар делува далеку подобро под водство на Давид Дејвис, но пред управата на клубот е нов предизвик – да состави сериозен ростер и за наредната натпреварувачка сезона со оглед на фактот дека се очекува летово да си заминат дел од првотимците на „црвено-црните“. Една од желбите на Вардар е да биде доведен Сергеј Косоротов, одличниот руски бек кој се покажа во топ-форма и на последниот европски шампионат.

Косоротов ги брани боите на Висла Плоцк, желба на клубот е тој да остане во Полска, но интерес веќе појавуваат бројни клубови ширум Европа. Весникот „Спортове Факти“ тврди дека за Косоротов се интересираат гиганти како Барселона и Веспрем, но дел од оваа трка е и македонскиот првак Вардар, кој исто така посакува да го види рускиот „бомбардер“ во своите редови.

Проблем за „вардарци“ претставува фактот дека Русинот има договор со Висла до јуни 2023 година, што значи дека за да биде ангажиран летово ќе треба да биде платена отштета, каде финансиската моќ на Вардар е далеку пониска од онаа на останатите заинтересирани клубови.

Се вчитува...