Вардарки брзо најдоа решение за Будуќност

Апсолутно супериорно, ракометарките на Вардар ја победија Будуќност со 31-24 во натпреварот од третото коло во главната фаза од Лигата на шампионите. За вардарки ова е рекордната девета победа во серија во натпреварите во ЛШ со која го осигураа местото во четвртфиналето на најелитното европско натпреварување на три кола пред крај на оваа фаза. Наспроти победничката серија на Вардар, за Будуќност продолжи ноќната мора на гостински терен и во Скопје, со уште еден, вкупно четврти пораз сезонава.

Ако некогаш Будуќност беше тврд орев за Вардар, сега „црвено-црните“ девојки лесно и брзо го скршија отпорот на црногорскиот шампион. Поведоа уште од старт, во седмата минута Вардар имаше +2 (4-2), а Амандин Лејно веќе запиша три одбрани и донесе дополнителна сигурност во домашниот тим. Со сигурната игра во одбраната и разноврсност во нападот, вардарки се одлепија уште на средината на првиот дел. Со серија од 5-0 поведоа со 11-4 и комплетно ја исфрлија Будуќност од игра. Вардарки за десетина минути постигнаа 11 гола, а примија само три и на пет минути пред крај на полувремето прв пат дојдоа и до двоцифрена предност поведувајќи со 17-7.

Будуќност немаше одговор за ваквото темпо на „црвено-црните“ и од минута во минута се множеа грешките во гостинскиот тим. На другата страна, супериорноста во играта и убедливата предност и оставија простор на Ирина Дибирова да ја одмори речиси целата стартна постава и да им даде шанса на ракометарките од клупата, а тие успешно одговорија и ја задржаа предноста на полувремето на 19-8.

Во ист доминантен ритам, вардарки продолжија и во второто полувреме. Максимално ефикасно ја казнуваа секоја грешка на противникот и ја одржуваа сигурната предност. На +10 „црвено-црните“ беа и на стартот од последната четвртина во која влегоа во водство од 27-17. Во дуелот во кој победникот практично беше решен уште по првите 15 минути, до крај неизвесен беше само конечниот резултат за деветиот триумф по ред на ракометарките на Вардар кои уште еднаш потврдија дека чекорат сигурно кон завршницата и сезонава со право се сметаат за главни фаворити за освојување на титулата во Лигата на шампионите.

Андреа Пенезиќ беше најефикасна во составот на Вардар со осум гола, по четири додадоа Полина Кузњецова и Драгана Цвијиќ, а Амандин Лејно заврши со 14 одбрани. Кај Будуќност прв стрелец беше Татјана Брновиќ со шест погодоци.

Во следното коло во ЛШ, Вардар на 25 февруари му гостува на Мец, а до крајот на главната фаза, на вардарки им претстојат уште дуелите со Битигхајм на домашен терен и возвраниот дуел со Будуќност во Подгорица.

Се вчитува...