Екипата на Вардар поведе со (1-0) во полуфиналната серија на плеј-офот во „Шпаркасе Лајф“ Првата лига откако вечерва, на гостински терен, со минимални (82:80), беше подобра од веројатно и првиот фаворит за освојување на шампионскиот трофеј, Крива Паланка.
Екипата на крива Паланка беше подобра во првото полувреме, но Вардар имаше доста подобри моменти во второто, кое се покажа како и многу пати досега, како клучно за конечниот епилог на првиот меч од оваа серија која за неколку дена се сели „Под Кале“, каде „вардарки“ ќе бидат во улога на домаќини, и ќе ја имаат првата меч-топка, вредна финале.
По солидната предност која ја направија во првите десет минути од играта (20:14), домашните кошаркарки беа уште подобри во вторите десет, во која разликата ја зголемија на високи (49:30).
Но второто полувреме донесе сосема поразлична игра на теренот во салата „Бранители 2001“. Ја диктираше екипата на Вардар, која одигра максимално ефикасно во продолжението.
Изненадувањето го најавија уште во третиот дел од мечот во кој анулираа добар дел од високата негатива. Последниот период двете екипи го дочекаа со водство на домашната (68:56).
Но и тоа не бешз знак за предавање за екипата која ја предводи тренерот Александар Ашаданов.
Трпеливо ја топеа негативата, и на 1:40 минута пред крјаот, по поените на искусната Алексиќ, односно серијата од (7-0) го израмнија резултатот (80:80). А по нереализираниот обид на Робинсон, поените вредни победа ги донесе Трајковска, за прво водство на Вардар, кое се покажа и како победничко. Во оние нешто повеќе од една минута за игра, Робинсон имаше две шанси да го однесе мечот во продолжение. Но, најефикасната кошаркарка на Крива Паланка и на овој натпревар (даде 29.поени), не ги реализираше.
Доволно за големо славје на девојките во „црвено-црна“ комбинација на дресовите, во чии редови М.Николиќ оствари двоен ефект од 23.поени и 10.скока, Алексиќ постигна 16 (имаше и девет скока и четири асистенции), Пислевска помогна со 14.поени (шест скока и три додавања), и Тасевска која заврши со 11.поени (три асистенции и два скока).
Освен новото одлично поентерско издание на Робинсон, во тимот на Крива Паланка, Грин дојде до 22.поени (плус девет скока и седум додавања), додека Ниехуес запиша дабл-дабл скор од 15.поени и 14. скока.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
