„Вардарки“ преку шампионот Ѓорче Петров до куп-финале

ЖРК Вардар е вториот финалист во ракометниот Куп на Македонија во женска конкуренција откако „црвено-црните“ во драматичен меч славеа над Ѓорче Петров со резултат 30-27. Ракометарките на Ѓорче Петров неодамна ја прославија шампионската титула, се надеваа дека во Охрид би можеле да стигнат и до двојна круна, но вечерва налетаа на помотивиран противник, па „вардарки“ со одлично издание заслужено стигнаа до место во големото финале.

„Црвено-црните“ го контролираа резултатот во текот на целото полуфинале, поведоа со 4-2 во раната фаза од мечот, а потоа пред крајот на првото полувреме имаа и предност од 12-6. Ракометарките на Ѓорче Петров возвратија со четири гола во низа, враќајќи се во ритам, по што на одмор се замина со водство на Вардар од 15-13. Во вториот дел се играше израмнето се до 20-20, кога Вардар повторно успеа резултатски да се одлепи и на крајот да стигне до заслужена победа.

Сара Стефаноска со десет гола беше најефикасна во победничкиот тим, пред Џатевска, Миновска и Трпевска со по четири погодоци, додека прв стрелец на Ѓорче Петров беше Милица Николиќ со пет постигнати погодоци.

ЖРК Вардар во финалето ќе се сретне со тимот на Куманово, кој без борба се пласираше во мечот за пехарот поради откажувањето на ЖРК Металург.

Се вчитува...