„Вардарки“ прерано се опуштија, Лекиќ не дозволи изненадување

Андреа Лекиќ е најзаслужна што ракометарките на Вардар ја продолжуваат серијата победи во Лигата на шампионите, откако „црвено-црните“ попладнево по огромна битка го совладаа Турингер со 29-31. Германскиот шампион беше на колена уште по првото полувреме, но „вардарки“ на чело со Дејвис и неговиот експеримент за целосна промена на составот му овозможија на противникот да се врати. Македонскиот првак за момент беше и на работ на амбисот, прокоцкувајќи предност од седум гола и наоѓајќи се во гол негатива, но Лекиќ со голови во клучните моменти ја донесе големата победа, со која воедно е осигуран и пласманот во четвртфиналето од елитното европско натпреварување.

Самиот почеток најави исклучително лесна задача за македонскиот шампион, кој делуваше извонредно во првото полувреме. „Вардарки“ го отворија мечот со серија од 0-4, Лејно беше одлична на голот, додека Пенезиќ беше незапирлива во фазата на нападот. Македонскиот шампион погоди 11 од своите први 12 шутеви кон голот на противникот и стигна до водство од 6-11. Нешто подоцна „црвено-црните“ имаа и предност од 9-16 и 10-17, за на полувреме да се замине со водство на нашата екипа од 13-18.

Хмирова на самиот почеток од полувремето погоди за 13-19, но коцкањето на Дејвис со целосна промена на поставата овојпат се одмазди. Германките заиграа поцврсто во одбраната, Вардар во наападот немаше одговор за одличната Краузе, па предноста на македонскиот шампион набрзина се истопи. Откако ја увиде опасноста тренерот на „вардарци“ ги врати во игра најдобрите, но Пенезиќ беше целосно исфрлена од ритамот во кој делуваше доминантно во првото полувреме. Андреа Лекиќ беше единствената расположена за игра, а Турингер го искористи тоа, па во последните минути Германките два пати имаа и гол предност, но и напад за „плус два“. Одбраната на „вардарки“ одговори на предизвикот, а на спротивната страна Лекиќ постигна два гола, па во последната минута се влезе со водство на Вардар од 29-30.

Германскиот состав во последниот напад тргна без голман, со „седум на шест“, Лекиќ одигра одлично во одбраната, одземајќи ја топката на линијата од шест метри за осигурување на победата која значи и сигурен четвртфинален билет.

Андреа Пенезиќ беше најефикасна со десет гола, но играч на натпреварот дефинитивно е Андреа Лекиќ, која дел од своите осум погодоци ги постигна во клучните моменти, кога на остатокот од тимот не му одеше најдобро. Алтхаус постигна пет, а Херем четири погодоци за македонскиот првак, кој останува во пол-позиција на првото место во групата.

Се вчитува...