Вардарки против Будуќност за прво место и за нов рекорд

Ракометарките на Вардар денеска (15 ч.) во СЦ „Јане Сандански“ го пречекуваат тимот на Будуќност во третиот натпревар  од главната фаза во Лигата на шампионите. Дуелот со добро познатиот противник на вардарки може да им донесе рекордна девета победа во серија, но и обезбедено прво место во групата на две кола пред четвртфиналето во ЛШ. За остварување на посакуваното сценарио, освен победа во денешниот дуел со Будуќност, на Вардар му треба и пораз на Мец во пресметката со Турингер.

Вардарки се единствената непоразена екипа во досегашните осум кола во Лигата на шампионите и ја имаат улогата на фаворитки и во денешниот дуел против црногорскиот шампион. Но, фактот што овие две екипи добро се познаваат  меѓусебе, е доволно предупредување дека противникот не смее да се потцени во ниеден момент. На тоа предупреди и црногорската репрезентативка во дресот на Вардар, Јованка Радичевиќ.

„Будуќност сезонава нема победа на гостински терен, но сигурно ќе настојуваат да ни се спротивстават максимално. Се надевам дека Скопје ќе остане неосвоива тврдина. Сакам да ја задржиме добрата атмосфера. Очекувам да одиграат грубо и агресивно на денешнот дуел, но веќе сме навикнати на таквата игра на Будуќност“ – истакна Радичевиќ.

Вардар и Будуќност се противници кои добро се познаваат меѓусебе. Македонскиот и црногорскиот првак досега имаат одиграно девет натпревари во последните четири сезони во ЛШ, а три од нив се на Ф4 турнирот во Будимпешта. Вардар има три победи во овие меѓуебно дуели. Сезонава Вардар и Будуќност одиграа три натпревари во регионалната ВРХЛ лига и сите три им припаднаа на „црвено-црните“.

За Вардар не треба да се трошат зборови, се работи за една од најдобрите екипи сезонава во ЛШ. Во Скопје сакаме да уживаме во ракометот и да го искористиме секој напад и секоја одбрана како шанса да напредуваме и да ја подобриме играта на гостински терен. Доколку одиграме како што треба во одбраната, сигурно ќе можеме да им парираме. Треба да одиграме најдобро што можеме и да го дадеме својот максимум. Немаме доволно искуство, но пред оваа млада екипа стојат многу предизвици“ – изјави десното крило на Будуќност, Сања Премовиќ.

Во првите два натпревари од главната фаза, вардарки забележаа две победи, против Мец (29-23) и против Битигхајм (38-26). Будуќност пак има гостински пораз од Ференцварош (34-26) и победа на домашен терен против Турингер (29-21). Вардар е прв на табелата со 12 бода, а Будуќност е на четвртото место со двојно помалку бодови.

Се вчитува...