Вардарки со променлива игра до нов убедлив триумф во ЛШ

Вардарки ја потврдија фаворитската улога и запишаа нова победа во Лигата на шампионите, овој пат на гостувањето кај Битигхајм со 26-38  и тоа во „домашна атмосфера“ што им ја приредија стотината македонски навивачи во салата. За македонскиот шампион ова е вкупно осма победа сезонава, втора во натпреварите од главната фаза во ЛШ со која „црвено-црните“ теоретски, веќе обезбедуваат пласман во четвртфиналето на најелитното европско натпреварување.

Лабавиот почеток на вардарки им остави простор на домашните ракометарки во првата четвртина од мечот да држат чекор, па дури и да поведат со 8-6. Но, потоа европските вицешампионки заиграа во препознатливиот ритам, направија серија од 4-0 и комплетно го презедоа водството и контролата на играта и на резултатот. Уште една серија од 5-1 ги однесе вардарки до највисоко водство во првиот дел од 10-15. Во последните четири минути одново попушти концентрацијата во редовите на Вардар, а Битигхајм ја искористи шансата и ја намали разликата на 14-16, резултат со кој заврши првото полувреме.

Герамнскиот тим се обиде да му парира на Вардар со игра „7 на 6“, но тоа не им донесе некој посебен резултат, а на вардарки им отвори шанса да постигнат неколку леснио голови на празен гол. Трите гола во серија на стартот од второто полувреме, одново го однесоа Вардар на +5 (14-19). Во продолжението на мечот, вардарки рутински ја зголемуваа предноста. Добро функционираше одбраната на Вардар, а дополнителен проблем за домашните ракометарки беше и Амандин Лејно на голот. Како што растеше предноста на вардарки, така се зголемуваа грешките и промашувањата на спротивната страна, а искусен тим како Вардар тоа знаеше да го казни.

Во последните десет минути македонскиот шампион влезе со двоцифрена предност и водство од 21-31. Високата предност дополнително ја парализира играта на Битигхајм, а на вардарки им го олесни патот до новата убедлива победа во ЛШ.

Најефикасни во победата на вардарки беа Андреа Пенеиќ со осум и Драгана Цвијиќ  со седум гола.

Следен предизвик за ракометарките на Вардар ќе биде дуелот со Будуќност на домашен терен на 10 февруари.

Се вчитува...