Вардарки тргнуваат по нова победа во Германија

По серијата од шест победи во групната фаза, ракометарките на Вардар со победа го отворија и настапот во главната фаза во Лигата на шампионите, со тенденција да го задржат тој тренд и на денешното гостување во Германија. Вардар како лидер во групата без пораз сезонава, денеска (17 ч.) му гостува на германскиот Битигхајм кој моментно е на последното место на табелата.

Вардарки се единствената непоразена екипа сезонава во ЛШ, во претходното коло доминираа во дуелот со Мец и ја имаат улогата на голем фаворит и на денешниот дуел со Битигхајм. За разлика од „црвено-црните“, Битигхајм пролетниот дел го почна со пораз во германската пресметка на гости кај Туринген (28-26). Германскиот шампион се соочува со проблеми во составот и серија повреди поради кои не може да смета на Ким Каиџинавичиус , Ангела Малестин, Сесил Вулер како и на Нина Милер и на Сузана Милер. Како засилување во тимот дојде германската репрезентативка Ана Лоерпер на плејмејкерската позиција, но таа нема право да игра за Битигхајм во Лигата на шампионите во оваа сезона.

„Вардар е апсолутно, еден од најдобрите тимови во светот, со многу добри ракометарки во составот. Во своите редови ги имаат двете француските светски шампионки Амандин Лејно и Александра Лакрабер кои се извонредни играчи. Ќе се обидеме со страст и со борбеност да го попречиме Вардар колку што е можно подолго. Се надевам дека нашите навивачи ќе не поддржат во овој важен натпревар“ – истакна тренерот на Битигхајм, Мартин Албертсен.

Вардарки стартуваа сигурно и делуваат добро подготвени за предизвикот во ЛШ и покрај потресите во клубот со најавата дека од јуни сите ракометарки ќе треба да си бараат нова средина.

„Имаме добра тактика и во добра кондиција сме. Имавме малку грешки во дуелот со Мец што треба да ги исправиме за следниот натпревар. Не чека Битигхајм и одиме на победа во Германија“ – порача тренерот на Вардар, Ирина Дибирова.

Се вчитува...