„Вардарци“ пред Загреб: Да не се повторат грешки од Некар Левен

Ракометарите на Вардар се подготвени за победничко продолжение на авантурата во Лигата на шампионите, на саботниот домашен натпревар против екипата на Загреб. „Црвено-црните“ првиот пораз во ЛШ сезонава го претрпеа токму во хрватскиот главен град, потоа загубија од Загреб и во рамките од СЕХА-лигата, но Раул Гонзалес и неговите избраници се свесни дека претходните натпревари мора да се остават во минатото и максимално сконцентрирано да се влезе во саботната пресметка.

Ова е нов натпревар и затоа мораме да заборавиме на се што било претходно, на нашите дуели со Загреб, како и на поразот од Металург. Ќе биде тешко, свесни сме за тоа, но најважно од се е да се стигне до победата. Не смееме да ги повториме грешките и „киксовите“ кои ги правевме против Некар Левен“ – изјави Стојанче Стоилов.

Тренерот Раул Гонзалес очекува по осигураното прво место во регуларниот дел од СЕХА-лигата, неговите избраници да атакуваат и на првата позиција во својата група од Лигата на шампионите.

Задоволен сум како работевме во изминатиот период, знаеме дека треба да играме максимално бидејќи имавме проблеми и при победата тука над истиот ривал во СЕХА. Ќе ни биде неопходна и поддршка од публиката, нашата група е крајно неизвесна и ако сакаме да бидеме први мораме да победиме“ – истакна шпанскиот стратег на клупата на македонскиот првак.

Натпреварот меѓу Вардар и Загреб се игра в сабота со почеток во 17.30 часот.

Се вчитува...