Васоски: Академија Пандев пролетва со нов лик, со Влахо во сабота ќе биде одлична тактичка битка

Академија Пандев во сабота против Работнички ќе го стартува пролетниот дел во Првата македонска фудбалска лига. Александар Васоски ќе го има своето деби на клупата на струмичкиот тим, откако зимава премина од редовите на најтрофејниот клуб во Македонија, Вардар. Тренерот на „пандевци“, Александар Васоски вели дека е задоволен од прикажаното на неговите фудбалери во Анталија.

„Задоволен сум како ги поминавме подготовките во Анталија. Главна цел во моментов ни е да обезбедиме опстанок во лигата, а секако ќе дадеме максимум и во националниот куп во кој се палсиравме во полуфиналето. Имаме одличен тим со интелигентни фудбалери кои може да одговорат на моите замисли. Очекувам добар натпревар со Работнички кој исто така е одличен тим. Со тренерот Влахо соработувавме заедно во Вардар па затоа очекувам одлична тактичка битка. Првиот натпревар по долга пауза секогаш е тежок, но се надевам со одлична игра дека на крајот ќе извлечеме поволен резултат“, вели Васоски. 

Натпреварот со кој ќе се отвори пролетниот дел од сезоната во ПМФЛ меѓу Академија Пандев и Работнички е закажан за во сабота во Струмица со почеток од 14 часот.

Се вчитува...