„Ваучер и џентлмен“ – МЗТ Скопје го презеде Студент

Семејството на МЗТ Скопје Aеродром, е побогато за еден член, откако денеска и официјално беше промовиран женскиот кошаркарски тим, кој во иднина ќе настапува под името ЖКК МЗТ Скопје Аеродром.

Станува збор за своевидна фузија со прволигашот со долга и богата традиција, Студент Академија, кој веќе официјално го промени името и во вториот дел од сезоната ќе настапи како дел од сино-белото семејство. Извршниот директор на актуелниот шампион, Тони Грнчаров, ја објасни идејата за вклучување и на женски тим под капата на „металците“.

„По консолидирањето на младинската школа, што кулминира со играње и со вториот тим во Првата лига, дојде време да направиме чекор напред во делот на вклучување и на женски состав во нашето семејство. Свесни сме на драстичниот пад на македонската женска кошарка, поради што сметавме дека можеме да дадеме свој придонес на нејзината популаризација. Може да понудиме одлични услови за тренирање, а воедно живееме во општина во која има многу девојчиња кои со правилна работа во иднина би можеле да прераснат и во репрезентативки. Огромна благодарност до општината Аеродром, која несебично го помага спортот и тоа не само со вложувања во нашиот клуб, туку и во инвестирањето во многу други спортски колективи“, изјави Грнчаров.

Тренер на екипата која во вториот дел од првенството во Првата лига ќе се натпреварува под името ЖКК МЗТ Скопје Аеродром ќе биде Вела Красниќ.

„Благодарност до општина Аеродром за помошта која ни ја дава, бидејќи само така ќе може да ги оствариме зацртаните цели. Наша цел е омасовување на женската кошарка во Аеродром, односно создавање база од која потоа ќе црпиме идни репрезентативки. Досега, како Студент Академија, работевме во несоодветни услови, но се надевам дека со новата помош ќе може целосно да им се посветиме на девојчињата, без да се грижиме за обезбедување на потребните средства за работа. Наша цел е со посериозна работа да ја изградиме основата, со која од следната сезона ќе може да се надеваме на поголеми успеси“, изјави Красниќ.

Се вчитува...