Ваучерите сега со блокада за кошарката, КФСМ застана зад клубовите

Ваучерите повторно создаваат проблеми во македонскиот спорт, откако денеска дојде ред на кошаркарските нисколигаши да го кренат гласот поради недобивањето на ваков вид на помош од државата. Стартот на сезоната од Втората лига и од младинските лиги е одложен, по денешната средба на клубовите со раководството на КФСМ, кое застанало зад своите колективи.

Претходно идентичен случај имавме и во ракометот, каде првиот човек на федерацијата, Живко Мукаетов, со конкретна мерка помогна да се тргне од „мртва точка“, покривајќи ги трошоците за официјалните лица во периодот додека ваучерите не бидат врачени.

За разлика од РФМ, раководството на КФСМ само декларативно им искажа поддршка на клубовите, преку соопштение што денеска беше објавено на официјалната веб-страница на куќата на кошарката.

„Раководството на Кошаркарската федерација на Северна Македонија, на чело со Претседателот Перо Антиќ, Генералниот Секретар Владимир Георгиевски и Спортскиот Директор Тодор Гечевски јавно истакнува и потенцира дека ќе продолжи со несебична поддршка на сите кошаркарски клубови.

Клубовите кои минатата натпреварувачка сезона 2018/2019 се натпреваруваа во вториот ранг на натпреварување во машка сениорска конкуренција (Втора лига мажи, Исток и Запад) заедно со клубовите кои се натпреваруваат во младинските категории, не добија ваучер за користење на средства од даночно ослободување по Законот за данок на добивка.

Нивниот став и незадоволство денеска го презентираа пред раководството на КФСМ за одложување на стартот на првенството и евентуално откажување од лигата во целост доколку мерките кои претходно беа ветувани и најавувани не бидат исполнети за дополнителен стимул за поддршка и развој на клубовите кои не се натпреваруваат во највисокиот степен на натпреварување во домашното првенство (Прва лига мажи и жени). Кошаркарската федерација на Северна Македонија го прифати ставот на клубовите“.

Се вчитува...