Ваучерот останува на сила, со ист рецепт и во 2023 година

Ваучер-системот ќе остане основен начин на финансирање на спортските клубови, федерации како и на индивидуалните спортисти и во текот на 2023 година, откако државните власти во последен момент се премислија од идејата за менување на системот за помагање во спортот.

Вкупниот буџет за помош на државата во македонскиот спорт за 2023 година изнесува околу 10 милиони евра, а според последните информации исплатата ќе се одвива директно преку буџетот. Со тоа, клубовите ќе имаат сигурен приход и нема да мора да бркаат компаниии со добивка, кои потоа го пребиваа вложеното во спортските колективи од сопствениот данок на добивка, а процентите „на ти го дај ми го“ во овие договори беа една од главните причини поради кои државното раководство размислување за менување на целокупниот систем на помош во спортот.

Кошаркарската Федерација потврди дека деталите околу функционирањето на ваучер-системот остануваат речиси исти како и досега, објавувајќи и формулар за барање за користење на средства од даночно ослободување, што клубовите треба да го достават до КФСМ најдоцна до 15 јануари.

Во секој случај, максимално позитивно е што целокупната ситуација е разрешена и што повторно не се влезе во правен лавиринт како пред неколку години, кога по бришењето на едниот и недефинирањето на другиот закон македонскиот спорт со месеци остана „парализиран“, без финансиски средства за клубовите и за федерациите.

Се вчитува...