Веќе не е тајна: Иванишевиќ заработува богатство како тренер на Ѓоковиќ

Горан Иванишевиќ со години наназад се грижи за формата на Новак Ѓоковиќ, а медиумите на Балканскиот полуостров често се занимаваа со прашањето околу платата што Хрватот ја зема како „десна рака“ на најдобриот тенисер на денешницата.

Хрватскиот „Национал“ тврди дека има точни информации на оваа тема и дека Иванишевиќ месечно заработува и до 40.000 евра за соработката со Ѓоковиќ. Дел од оваа сума е „фиксна“, а остатокот зависи од резултатите што Ѓоковиќ ги бележи на турнирите, но Иванишевиќ само во 2023 година заработил околу 300.000 евра како дел од стручниот штаб на Новак, и тоа за половина година работа (меѓу 25 и 32 седмици) бидејќи Ѓоковиќ во неколку наврати зеде подолг одмор од вообичаеното.

Неофицијално, Горан Иванишевиќ добива и 10% од паричните награди на секој освоен гранслем на Ѓоковиќ, што е значителна заработка со оглед на успесите на Србинот.

Само за потсетување, Ѓоковиќ и Иванишевиќ почнаа да соработуваат во јуни 2019 година. Хрватот неколку години ја делеше заработката од гранслем турнирите со Марјан Вајда кој долго време беше прв тренер на Новак, но по неговото повлекување од стручниот штаб сега таа улога ја има токму хрватската тениска легенда.

Се вчитува...