Дарвин Нуњез ќе ја продолжи кариерата во Ал Хилал откако уругвајскиот голгетер ја прифати понудата на овој клуб од Саудиска Арабија. Ливерпул утрово и официјално ја прифати понудата на Ал Хилал со загарантирани 53 милиони евра плус лесно остварливи клаузули, по што агентот на Нуњез ги финишираше преговорите околу личните услови.
Уругваецот беше голема желба и на Милан, но финансиските услови од Ал Хилал беа супериорни во однос на италијанскиот гигант. Дарвин на крајот ја прифати понудата за тригодишен договор вреден 20 милиони евра по сезона, а се очекува во следните денови да отпатува за Ријад на лекарски прегледи и потпис за новиот клуб, по што ќе му се стави на располагање на новиот тренер Симоне Инзаги.
Со продажбата на Нуњез, на која и претходеше и онаа на Луис Дијаз во Баерн Минхен, „црвените“ сега ќе имаат доволно средства во буџетот за да го доведат Александер Исак од Њукасл, кој е голема желба на Арне Слот. Првата понуда на англискиот првак беше одбиена, но се очекува Ливерпул сега да се врати на преговорите со зголемена сума, се со цел да го финишира трансферот до стартот на новата премиерлигашка сезона закажан за следниот петок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

