Вела Красниќ: Ова е прв пехар и за мене и за МЗТ

Женскиот клуб на МЗТ Скопје стигна до првиот куп-трофеј во клупската историја, воедно и прв пехар во тренерската кариера за Вела Красниќ, која не го криеше задоволството од конечниот исход на овој куп-турнир.

„За разлика од полуфиналниот натпревар кога лошо почнавме и бркавме разлика, во финалето успеавме да го контролираме резултатот цело време. Игравме добро и во напад и во одбрана и сум задоволна од прикажаната игра на кошаркарките. Ова е прв трофеј на женскиот кошаркарски клуб МЗТ Скопје и мој прв освоен пехар, така што се радувам на тој успех. Им честитам на сите и ова е мотив и основа за понатамошна работа“- потенцираше вела Красниќ, тренерот на новиот победник во Купот.

Ана Живковиќ пак многу добро знае како се освојувата вакви трофеи. Искусната кошаркарка се врати на теренот, и даде свој придонес во овој голем успех на девојките во „сино-бело“.

„Играме и одбрана и напад, не е само поените, важно е да победи екипата. МЗТ е одличен, имаме хемија и играме заедно тимски. Само тоа не доведе до победа, но тимски, победивме. Тешко е да се игра со една петорка, но имавме голема желба и успеавме. Дефинитивно ја сакаме двојката круна, се надевам дека желбата ќе ни се исполни“, истакна Живковиќ по финалето.

Се вчитува...