Велковски потпиша: За Ријека слушнав се најдобро од Стефан Ристовски

Дарко Велковски од денеска и официјално е нов член на Ријека, откако македонскиот репрезентативец потпиша договор на три година со екс-шампионот на Хрватска. Овој фудбалер ги мина последните месеци тренирајќи со младинците на Вардар, како санкција што не потпиша нов договор со „црвено-црните“, но сега го остава тоа зад себе и е максимално фокусиран на предизвиците во новиот клуб.

„Штотуку стигнав во Ријека. Градот е супер, луѓето се прекрасни, сите се насмеани. Се надевам дека ќе играм и ќе напредувам, натпреварите од хрватското првенство ги следев на телевизија и познавам дел од играчите, пред се оние од Динамо и од Хајдук“ – изјави Велковски по потпишувањето на договорот.

Тој истакна дека при изборот на новиот клуб добредојдени му биле советите од репрезентативниот колега Стефан Ристовски, кој беше дел од шампионската генерација на Ријека пред да се пресели во Спортинг Лисабон.

„Стефан Ристовски ми кажа се најдобро за Ријека, како за клубот така и за навивачите. Го познавам и Леонард Жута кој настапуваше за Македонија, како и Милан Ристовски. Се надевам дека ќе ги оправдам очекувањата и ќе освојувам трофеи со новиот клуб“ – изјави Дарко Велковски, кој во македонското првенство стануваше шампион и со Работнички и со Вардар.

Се вчитува...