ЕКИПА во Атина,
Стеван Цаневски
Мартин Велковски ги надмина проблемите со повредата поради која не настапи на последните средби на македонската репрезентација, па десниот бек ќе му биде на располагање на Кире Лазаров за денешниот прв финален меч од ЕХФ Европскиот куп што македонскиот тим ќе го игра во Атина против АЕК.
Велковски верува дека „сино-белите“ можат да стигнат до позитивен резултат и дека атмосферата во салата нема да влијае врз настапот на Алкалоид. Воедно, десниот бек е убеден дека клучна работа ќе биде да се задржи сопствениот стил на игра и да не му се дозволи на домаќинот да диктира темпо.
„АЕК е квалитетна екипа која претежно е составена од странски играчи од Франција и Португалија. Нашиот концепт е поинаков, ние со домашни играчи пробуваме да испишеме историја за клубот и за Македонија. Знаеме каква атмосфера имаат на сите натпревари, но ние сме навикнати од нашето домашно првенство да играме во такви услови, па токму тоа ќе биде мотив плус. Убаво е што одлучија да играат во поголема сала, се надевам дека ќе биде полна и ќе биде одличен натпревар. Во секој случај ќе биде тежок меч, неблагодарно е да се типува, се надеваме на што подобар резултат за реваншот во Скопје. Не треба да измислуваме многу, најважно е да бидеме свои. На сите претходни мечеви го задржавмме својот стил на игра без да се адаптираме на противникот“, истакнува Велковски во пресрет на денешниот прв финален натпревар.
Натпреварот меѓу АЕК и Алкалоид се игра денеска со почеток во 18 часот, со директен пренос на МТВ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА