Веспрем бесот од Барса го истури врз Кил

Ракометарите на Веспрем конечно покажаа знаци на живот, добивајќи го дерби дуелот во групата А на гостински терен против Кил со резултат 25-27. Неполна седмица по поразот на домашен терен од Барселона, унгарскиот гигант својот „бес“ со истури врз германскиот ракометен џин, стигнувајќи до огромни бодови во битката за што подобар пласман во потешката од двете групи во Лигата на шампионите.

„Зебрите“ фуриозно го почнаа натпреварот, па по осум минути игра имаа одлична предност од 5-1. Сабате побара тајмаут, а нападот на Веспрем по шест минути пауза постигна гол, по што унгарскиот гигант влезе во ритам. Алиловиќ со неколку одбрани овозможи предноста да се преполови, за веќе во 16. минута Веспрем да стигне и до израмнување (7-7) со голот на Илиќ. Кил дојде до позитива од два гола на две минути до крајот на полувремето, но Лекаи и Благотиншек беа прецизни во финишот и се погрижија на одмор да се замине со израмнети 15-15.

Сабате на полувремето го замени Алиловиќ со Миклер, што се покажа како одличен потег бидејќи унгарскиот репрезентативец бранеше одличн во вторите 30 минути. Веспрем набрзина поведе со 15-18, пред Тофт Хансен во 34. минута да го постигне првиот гол за Кил во второто полувреме. Германскиот вицешампион израмни на 20-20, потоа и на 21-21, но тоа беше се што „зебрите“ успеаја да сторат, Унгарците имаа повеќе концентрација и цврстина во одбраната, што им овозможи да го контролираат резултатот се до самиот крај и конечната победа од 25-27.

Илиќ беше најефикасен кај Веспрем со седум гола, пред Лекаи и Наѓ со по шест, додека прв стрелец на Кил беше Екберг со седум погодоци, пред Винцек со шест.

Се вчитува...