Веспрем го прегази ППД Загреб за место во Топ 8

Актуелниот европски вицешампион Веспрем ја потврди улогата на фаворит во осминафиналната пресметка со ППД Загреб и со убедлива победа  со 29-19 во реваншот од осминафинале, се пласира во Топ 8 во Лигата на шампионите. Веспрем е петтиот четвртфиналист во ЛШ, покрај Вардар, Барселона, Кил и ПСЖ. Во следната четвртфинална фаза, Веспрем го чека победникот од дуелот меѓу Кјелце и Монпелје.

Унгарскиот првак стартуваше со гол предност од минатонеделното гостување во Загреб (22-23), а потоа во реваншот ја потврди својата супериорност и го декласира ППД Загреб. Уште по првото полувреме, Веспрем имаше шест гола предност (15-9). Доминацијата на унгарскиот тим продолжи и во вториот дел во кој домаќините лесно одржуваа сигурна позитива од 5-6 гола разлика. Во финишот, ракометарите на Веспрем стигнаа и до двоцифрена предност поведувајќи со 28-18 на две минути пред крај, а во следниот напад дојдоа и до највисоки +11 (29-18). Домагој Павловиќ го постигна последниот гол на овој дуел за конечните 29-19.

Мирко Алиловиќ запиша 15 одбрани на голот на Веспрем, а најефикасен во унгарскиот тим со по пет гола беа Момир Илиќ, Гашпер Маргуч и Кристијан Угалде. Во составот на ППД Загреб по три гола запишаа Домагој Павловиќ, Златко Хорват и Давид Миклавчич.

Утре се играат последните три осминафинални средби: Клејце- Монпелје, Пик Сегед – Силкеборг и Фленсбург – Мешков Брест.

Се вчитува...