Вест Хем го совлада Вулверхемптон, „Чеканите“ го претекнаа Челси и се вклучија во борбата за пласман во ЛШ

Во 30-коло од Премиер лигата, Вулверхемптон не успеа да се спаси од мотивираниот Вест Хем, па загуби на домашен терен со резултат од 2-3. „Чеканите“ со оваа победа обезбедија нови три поени и се искачија на четвртото место во Англија, па на овој начин се вклучија во борбата за пласман во Лигата на шампионите следната сезона.

Првото полувреме припадна во целосна доминација на гостите, а „чеканите“ го отворија натпреварот уште во 06. минута, кога Џеси Лингард во неверојатна соло акција влезе во казнениот простор и го совлада Руи Патрисио кој беше беспомошен. По осум минути игра во листата на стрелци се запиша и Пабло Форналс, кој покажа дека добро се снаоѓа во шеснаесетникот откако испрати одличен удар за гол и водство на гостите од 0-2. Вест Хем имаше одлична контрола над натпреварот, а во 38 минута ја зголемија предноста на 0-3 откако претходно Џарод Боуен упати удар во левиот агол и беше прецизен. Првото полувреме заврши со резултат од 1-3, а стрелец за домашниот тим беше Леандер Дендонкер кој погоди со глава во 44 минута.

Во второто полувреме „волците“ успеаја да го загрозат тимот на Вест Хем, во 68. минута беше прецизен Фабио Силва, па тој намали на резултат од 2-3. Сепак, „чеканите“ ја задржаа потребната концентрација и обезбедија голема победа и нови три бода.

Пред овој натпревар се одигра уште еден дуел во Премиер лигата, а Евертон на домашен терен киксираше како фаворит и обезбеди само реми (1-1) против тимот на Кристал Палас.

 

 

Standings provided by SofaScore LiveScore

Се вчитува...