Вестбрук стигнува до трипл-дабл и кога промашува

Расел Вестбрук стигна до својот шести трипл-дабл сезонава во триумфот што Оклахома сити го забележа против Јута од 122-113. Експлозивниот бек немаше свој шутерски ден, па од вкупно 18 обиди од поле кон противничкиот кош погоди само четири, но и тоа беше доволно за да се стигна до трипл-дабл, иако скромен за стандардите што ги поставува Вестбрук, со 12 поени, 11 скокови и 10 асистенции. Пресудна беше третата четвртина во која Оклахома сити постигна 42 поени наспроти 29 на „џезерите“, за огромни 24 поени предност кои беа недостижни за гостите во последните 12 минути игра.

Пол Џорџ беше извонреден во победничкиот тим со 31 поен, а значаен адут од клупата беше Шредер, кој реализираше 23 поени.

Голден Стејт стигна до нов триумф откако славеше против Минесота со 116-108. Таунс беше одличен за гостите со 31 поен, Минесота доминираше во рекетот постигнувајќи 54 поени наспроти само 22 на актуелниот првак, но главно оружје на „воините“ повторно беше шутот од далечина. Во преден план Стеф Кари, кој беше најдобар стрелец со 28 поени, Томпсон постигна 26, а Дурант 22 поени.

Леброн Џејмс беше близу до трипл-дабл против Мајами, во триумфот што ЛА лејкерс го забележа од само три поени разлика (108-105). „Кралот“ Џејмс го заврши мечот со 28 поени, 12 асистенции и девет скокови, а извонреден натпревар одигра Кузман, кој со 33 поени беше прв стрелец на лејкерси на овој натпревар.

 

Резултати НБА:

Индијана – Вашингтон 109-101, Филаделфија – Детроит 116-102, Бостон – Њу Орлеанс 113-100, Чикаго – Сакраменто 89-108, Милвоки – Кливленд 108-92, Оклахома сити – Јута 122-113, Далас – Орландо 101-76, Денвер – Мемфис 105-99, Феникс – ЛА клиперс 119-123 (по прод.), Голден Стејт – Минесота 116-108, ЛА лејкерс – Мајами 108-105.

Се вчитува...