Се е подготвено за 54.издание на „Мавровски меморијал“

Традицијата продолжува. На стартот на идната седмица ќе се одржи 54. издание на „Мавровскиот меморијал“, а најавата за оваа скијачка манифестација се одржа во Агенцијата за млади и спорт.

„Мавровскиот меморијал е најстариот нордијски куп на Балканот и се вбројува во еден од најстарите нордиски купови во Европа и светот. Јас верувам дека ќе се покажеме како добри домаќини и организатори на овој настан, кој како ФИС натпревар е еден од најдобро организираните меѓународни настани на Балканот. Токму затоа, Агенцијата за млади и спорт, секоја година финансиски и логистички ја поддржува организацијата на овој меѓународен традиционален спортски натпревар. За таа цел, за оваа година, Агенцијата за млади и спорт од својот буџет издвои 500.000 денари. Ја користам приликата да ги поканам сите љубители на зимските спортови и сите вљубеници во нордиското скијање од 13-15 февруари, да дојдат во Маврово и да ги поддржат нашите скијачи, но и да уживаат во се она што ќе го понудат натпреварувачите“, изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.

На пресот свое излагање имаше претседателот на Организацискиот одбор Кочо Кираца, како и селекторот на македонската репрезенатација во нордиско трчање Ѓоко Диневски.

За 54. Мавровски меморијал се очекува учество на повеќе европски држави: Србија, Грција, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Турција, и двајца претставници од Доминиканската Република кои изразија желба за учество на Мавровскиот Куп. Се очекува потврда од Словенија и Романија, со што квалитетот би се искачил на највисоко ниво.

Стартот е закажан за понеделник, а вторник и среда се трките во женска (5км) и машка (10 км) конкуренција. Новина за оваа година е трката за деца, генерација 2002/2003 и 2004/2005, кои се планирани за 16-ти и 17-ти февруари.

Македонската репрезентација ќе настапи во следниов состав: Ставре Јада, Миланчо Крстевски, Дарко Дамјановски, Тони Станоески, Марио Куртески и Ненад Митевски, а кај жените ќе настапат: Викторија Тодоровска, Марија Коларовска, Викторија Јовановска, Росана Кировска, Ана Цветановска и Василка Дамјановска.

Се вчитува...