По освојувањето на првиот историски бод во ПМФЛ, Шкендија од Арачиново ќе се обиде да остане непоразена и на тешкото гостување во Кавадарци каде ги очекува дуелот против Тиквеш. Домаќините влегуваат во овој меч како најефикасен тим по првите две кола со дури 10 постигнати голови, максимален учинок и лидери на табелата.
Офанзивниот играч за врска, Вилдан Керим, го почитува тимот од Кавадарци, но истакна дека арачиновци се максимално подготвени за претстојниот предизвик.
„Тиквеш оваа сезона има исклучително квалитетен состав и веќе докажа дека ќе се бори за самиот врв на табелата. Сепак, јас цврсто верувам во мојот тим. Се подготвивме одлично во текот на неделата, а дека имаме квалитет веќе покажавме на претходниот меч против Силекс“, изјави Керим.
Тој верува во потенцијалот што го поседува новиот прволигаш и е оптимист дека тимот може да стигне до нови бодови во Првата лига.
„Одиме во Кавадарци да се надигруваме, да прикажеме квалитетен и атрактивен фудбал и на крајот да се вратиме со позитивен резултат“, заклучи офанзивецот на Шкендија Арачиново.
Натпреварот помеѓу Тиквеш и Шкендија Арачиново ќе се игра на стадионот во Кавадарци, со почеток во 16:30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
