Винисиус: Ла Лига им припаѓа на расисти, а некогаш беше лига на Меси, Роналдо, Роландињо

Винисиус жестоко ги критикуваше случувањата на „Месталја“, откако бразилскиот голгетер беше расистички навредуван од речиси цел стадион во Валенсија.

Тој во еден момент дури и со прст го покажа лицето кое го забележа како го навредува, но тој навивач остана на стадионот, а Бразилецот доби само ветување дека при наредниот случај мечот ќе биде прекинат. Неколку минути подоцна, бесниот Винисиус влезе во конфликт со еден домашен фудбалер и доби црвен картон.

„Шампионатот што некогаш припаѓаше на Роналдињо, Кристијано, Меси, сега им припаѓа на расистите. Ова не е прв пат, ниту втор, ниту пак трет пат. Расизмот е нормална работа во Ла Лига, ова натпреварување мисли дека тоа е нормално. Прекрасниот народ што го сакам и што ми посака добредојде во својата земја, испраќа порака на расистичка држава до светот. Жал ми е за Шпанците кои не се сложуваат, но Шпанија денеска е позната како земја на расисти. За жал, тоа се повторува, немам одбрана. Сепак, јас сум силен и против расистите ќе се борам до самиот крај. Дури и далеку одовде“, порача Винисиус.

Следеше експресен одговор од првиот човек на Ла Лига, Хавиер Тебас, кој објави дека организирал две средби со асот на Реал Мадрид за да му бидат објаснети протоколите за вакви ситуации за време на натпреварите, но Винисиус не се појавил на овие состаноци.

Следеше и експресен одговор од Бразилецот на Реал…

„Уште еднаш, наместо да ги критикува расистите, претседателот на Ла Лига се појавува на социјалните мрежи за да пишува против мене. Колку и да се преправа дека не чита што другите пишуваат, свесен е дека проектот Ла Лига се тресе… Дозволувајќи го таквото однесување ти си еднаков на расистите. Не сум ти пријател за да седнеме на маса и да зборуваме за расизмот како проблем. Сакам акција и казна, ништо повеќе“, порача Винисиус како одговор на пораката од Тебас.

Се вчитува...