После долг период, овој викенд во Скопје повторно се враќаат високите октани и автомобилите на спортските патеки преку „ТСД (Time Speed Distance) – авто слалом натпреварот“ со историски возила.
Во рамки на државното TSD Авто слалом првенство, в недела (24 мај), на паркингот пред спортската сала „Борис Трајковски“, ќе се одржи првиот TSD Авто слалом натпревар под името Скопје I – „Сесловенски просветители Св. Кирил и Методиј“, како еден од седумте натпревари кои ќе се бодуваат за Државното првенство за 2026 година.
Натпреварот ќе се одржи на големиот паркинг и патеката околу него, лоциран меѓу хотелот Александар Палас, објектот на пливачкиот базен и спортската сала „Борис Трајковски“. Напоменуваме дека пристапниот пат околу паркингот ќе биде обележан со сигурносни ленти и знаци и истиот ќе биде затворен за движење и задржување на публика и возила.
Станува збор за натпреварување во техничко и спретно возење, на однапред одбележана патека (бележење со чуњеви на паркинг просторот), каде се натпреваруваат возачи со класични олдтајмери и јангтајмер возила, како и возачи на спортски возила постари од 20 години. Овој вид натпревари се одржуваат согласно правилата и со поддршка од страна на Светската федерација на историски возила (FIVA) и Министерството за спорт, преку Националната федерација на историски возила. Ваквите настани придонесуваат за покренување на свеста на учесниците во сообраќајот, насочени се кон подобрување на техничките квалитети на возачите и пред сè прокламираат почитување на правилата и зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Свеченото отворање на трката е од 10:45 часот а стартот на натпрварот е од 11 часот.
Временската рамка на одржување на натпреварот е следната: (недела, 24 мај)
- Технички преглед и верификација – од 07:30 до 10:00 часот
- Брифинг со возачи/ натпреварувачи – 10:15 часот
- Свечено отварање – 10:45 часот
- Старт на натпреварот – 11:00 часот
- По завршување на натпреварот – 30 минути за жалби и приговори
- Свечено прогласување – 16:00 часот
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
