Вистински дерби-тест во Тетово: Шкендија за конечен приклучок во трката за титула, Шкупи за враќање на врвот

Првиот вистински тест за Шкендија во трката за одбрана на шампионската титула, денешната дерби пресметка со Шкупи од 6. коло во Првата македонска фудбалска лига.

Бруно Акраповиќ за дуелот ќе може да смета и на Арменд Алими кој се враќа на терените верувајќи дека може да се дојде до посакуваната победа над Шкупи, и покрај незадоволителниот старт на сезоната.

„Факт е дека ќе биде неизвесен натпревар затоа што дерби натпреварите секогаш се непредвидливи и тешки за играње. Играме против силен тим со големи амбиции, но тоа е токму наша шанса да се вратиме на победничките патеки. Добро сме подготвени и очекувам одлична Шкендија која секако ќе атакува на трите бода на денешниот натпревар“, вели Алими.

Но, победа посакуваат и во таборот на Шкупи. Фаустин Сенгор вели дека сите во неговиот тим се подготвени за надигрување и со победа Шкупи да се врати на врвот на табелата.

„Не очекува вистински дерби натпревар, тежок и неизвесен дуел, но ние сме добро подготвени. Ќе биде тешко да се игра поради трагедијата што се случи во Тетово пред неколку дена. Сепак, наша желба се трите бода и враќање на врвот на табелата“, вели Фаустин Сенгор.

Натпреварот меѓу Шкендија и Шкупи денеска во Тетово се игра со почеток од 15 часот.

Се вчитува...